Повеќе за пионерските активности на христијаните адвентисти на полето на здравството

Во 19 век во Америка, на полето на медицината владеела вистинска конфузија. Се верувало дека изобилното количество крв во организмот е причина за воспаление и треска па, за да им ја намалат температурата, лекарите на своите пациенти им пуштале крв, при што мнозина на тој начин го загубиле животот. Познат е случајот со претседателот Вашингтон на кого лекарите му извадиле речиси еден литар крв, без никакво олеснување. Тој ги молел лекарите да не го мачат, туку без возбуда и тревога да го остават на мир да си умре. Кога Вашингтон умрел, неговиот лекар изјавил дека претседателот го добил најдоброто лекување кое луѓето го познавале во тоа време.
Лекарите мислеле дека на тој начин ги лекуваат луѓето, но всушност тие постепено ги убивале.

Д-р Тали и д-р Мајнер сметале дека болестите можат да се лекуваат со јаки лекови. За какви лекови се работело? Лекарите во тоа време на болните им давале каломел (живин хлорид), опиум, хероин, цијановодородна киселина, антимон, па дури и жива, арсен и стрихнин. Болните повеќе умирале од овие отрови, кои биле нарекувани лекови, и од погрешната терапија отколку од болестите.

Во 19 век д-р Вортингтон Хукер напишал: Живата е лек со голема вредност при лекувањето на многу хронични болести... опиумот е поважен од сите лекови кои се употребуваат при лекувањето на болестите” (Dr Richard, A. Schaefer, Legacy I, стр. 5).

Еве како еден син во 1840 година го опишува лекувањето на својот татко: Како дете од осум години го гледав татко ми кој боледуваше од тифус. Лекарите го лишуваа од свеж воздух и од студена вода и му даваа силна доза на отровни лекови се додека не умре” (Исто, стр. 5).
Во 1899 година Ј. Н. Лафборо напишал: Кога на пролет ќе почувствувавме слабост и изнемоштеност поради прекумерната употреба на месо и масти од животинско потекло, земавме расол, рен, сенф, бибер и праз, мислејќи дека на тој начин ќе добиеме поголем апетит и ќе го освежиме умртвеното тело” (Legacy I, стр. 11).

Во тоа време државата не вршела никаква контрола врз лековите. Секој имал право да состави стотици различни состојки и тоа да го нарече лек. На болните им било оставено да заклучат дали лекот е ефикасен или е отров. За жал, мнозина изумреле пред да успеат да го формулираат својот заклучок.
Секој можел да се нарече лекар и слободно да ги „лекува луѓето“. Во еден период во Америка студентот можел само за 6 месеци да добие лекарска диплома (Исто, стр. 6). Здравствените прирачници биле продавани скапо, а биле полни со заблуди и препораки за примена на разни отрови. Во еден таков прирачник пишува: „Добро и за луѓето и за животните. Лекува се: дифтерија, срцеви болести, болести на грлото, скршени коски и непријатен здив, а ги смирува и коњите кога се вознемирени” (Исто, стр. 8).

Таблетите на д-р Ворден со гаранција ги лекуваат сите видови семејни слабости, вклучувајќи „недостиг на амбиција, студенило на рацете и нозете, вртоглавица, заборав, зуење во ушите, хистерија, болки во зглобовите и 'рбетот. Една кутија ќе донесе големо олеснување, 6 кутии ќе излечат обичен случај, а 12 кутии гарантирано ќе ја излечат секоја болест” (Sears, Roebuck and Co, Incorporated 1900, стр. 16).

Многу малку се знаело за исхраната. Едно време во Њујорк било забрането да се продава свеж зеленчук, зашто се сметало дека некој од нив е отровен. Колку тоа незнаење било големо, покажува случајот со полковникот Роберт Џонсон, кој се противставил на забраната на својот лекар да не јаде зеленчук и во знак на протест изел три свежи домати. Тие што го гледале мислеле дека решил да изврши самоубиство.

Во 18 век, заради тоа што сметале дека ноќниот воздух му штети на здравјето, болничките соби биле херметички затворани, а нивниот истрошен воздух набргу се исполнувал со микроорганизми (How to Live 4, стр. 44).

Сончевата светлина била избегнувана. Мажите џвакале тутун и плукале на сите страни, а жените со своите долги фустани, кои се влечеле по земјата, ги собирале микробите од патосот.
Во Америка во 1975 год. умирало секое 63 бебе, а во 1675 год. секое шесто. Во 1975 год. Американците во просек живееле по 72,2 години, а во 1875 год. само 39,4 години (Legacy, стр. 12).

Насекаде се чувствувала потреба од реформа која би го ублажила непотребното мачење на луѓето. Меѓутоа, кој можел во 19 век да знае која е вистинската реформа која во иднина ќе може да се носи и да се одржи пред налетот на откритијата на модерната медицина. При основањето на здравствените установи и при спроведувањето на здравствените принципи, основачите (адвентистите) на овие институции ги следеле советите и упатствата на младата жена и домаќинка Елена Вајт (Ellen G. White). Иако не завршила никакво медицинско училиште, таа ги убедила водачите на црквата да основаат здравствени институции. Тие, тој предлог го прифатиле бидејќи биле убедени дека Елена Вајт е Божји весник кој пораките ги добива од Бога.

Во текот на својот живот Елена Вајт напишала повеќе од 100.000 страници. Напишала теолошки, воспитни и здравствени книги, повеќе од која било друга жена во историјата. Пишувала за предмети кои никогаш не ги студирала и за кои имала малку искуство.

Иако не се подготвувала за педагог, сепак, Елена Вајт ги напишала книгите: „Воспитување”, „Совети за учителите, родителите и студентите” и „Темели на христијанското воспитување”, каде што се изнесени воспитни принципи кои и денес се основа на адвентистичкото воспитување во сите земји на светот. Нејзините педагошки книги државните воспитни институции ги редат меѓу класичните воспитни дела.
Д-р Флоренс Стретмаер (Florence Stratemeyer), професор по воспитување на универзитетот „Колумбија“, за нејзината книга „Воспитување” рекол: „Нејзините концепти за урамнотежено воспитување, за хармоничен развој, мислење и делување, се засновани врз напредни воспитни принципи” (Review and Herald)
„Обновата на Божјиот лик во човекот, учењето за родителската одговорност и развивањето на самоконтрола кај детето, се идеални зборови кои се неопходно потребни” (Исто).

На подрачјето на исхраната книгите на Елена Вајт се признати од страна на многу стручњаци во светот како научно исправни. Професорот за исхрана на универзитетот „Колумбија“, д-р Клиф Мекеј (Clive MacCay), кажува: „Иако делата на госпоѓа Вајт се напишани многу пред напредната модерна наука за исхраната, нема подобар водич од нив; тие се над сите други денес”.
Елена Вајт напишала повеќе здравствени книги, како што се: „Служба на лекување”, „Совети за животот и исхраната”, „Посветен живот” и „Умереност”. Во овие книги се наоѓаат здравствени принципи и совети кои подоцна биле потврдувани од науката која се развивала. Тогаш, кога никој не верувал дека тутунот е штетен, кога тој, заедно со алкохолот, со дрогите и со другите отрови се препишувал како лек, таа за него пишувала: „Тутунот е најлош подмолен малигнен отров.”

 

Ви препорачуваме

Живот без стрес
Извонредно корисна книга која ќе ви помогне да се справите...
 
повеќе


НАСКОРО!
Исхраната и здравјето
Откријте ја улогата на исхраната во вашето здравје...
 
повеќе


 
Адвентистите во Светот Адвентистите во Македонија Верувања Литература Здрав живот Детско катче Најчести прашања Контакти
Почетна страна | Врати се на почетокот од оваа страна | Препорачај ја странава на пријател

Дизајн на сајтот и подготовка на дел од текстовите: Лазар Томовски. Веб дизајн и веб програмирање: Тони Матев
Лектура и подготовка на дел од текстовите: Никола Тасевски. Коректура: Драган Лазески.
Соработка: Михајло Гурев, Никола Христовски. Одговара: Томе Трајков