Повеќе за храната:

Денес, многу луѓе во секое време обилно користат најразлични овошни и други сокови и многубројни видови газирани и негазирани пијалоци засладени со големи количества шеќер. Не е спорно дека шеќерите (јаглеродните хидрати) се неопходни за нашиот организам, зашто го снабдуваат со енергија. Но во преголеми количества и ако не се користат правилно, тие сериозно го загрозуваат нашето здравје. Особено на удар од шеќерите е панкреасот (слезината) кој излачува во крвта инсулин, толку потребен транспортер на шеќерите до внатрешноста на клетките.

Погрешно е да се каже дека инсулинот ги согорува шеќерите во крвта. Во крвта нема никакво согорување. Согорувањето се врши во клетките, во клеточните органели наречени “митохондрии”, кои претставуваат енергетски станици на нашиот организам. Инсулинот има улога на трансмитер, пренесувач на шеќерите од крвта во клетките, каде што им е и местото.

Кога во организмот се внесуваат големи количества шеќери, тие го присилуваат панкреасот да излачува поголеми количества инсулин за да ги пренесе во клетките. Ако ова потрае подолго време, панкреасот ќе ги потроши своите сили, се исцрпува и престанува да излачува инсулин, оставајќи го организмот во неволја. Така, не можејќи без трансмитер да преминат во клетките, шеќерите се акумулираат во крвта, предизвикувајќи шеќерна болест или дијабетес. Всушност, се јавува голем парадокс: при полн организам со шеќери, клетките се гладни за шеќери. За да ја санираат оваа ситуација, дијабетичарите се присилени да внесуваат во себе инсулин однадвор.

Кога пиеме сокови (овошни, и кои било други), особено меѓу оброците, на празен стомак, во крвта нагло преминуваат големи количества шеќери кои го присилуваат панкреасот да лачи повеќе инсулин за да се справи со нив. Ако ова се случува неконтролирано и во секое време, панкреасот не ќе може долго да ги издржи тие осцилации, камшикувања и удари и ќе доживее слом. Од тие причини, ако веќе пиеме сокови, тоа треба да го правиме умерено и исклучиво за време на оброците, кои нема да дозволат шеќерите нагло да преминат во крвта, со што ќе се одбегнат наглите удари врз панкреасот. Но најдобро и најздраво е овошјето и зеленчуците да се користат во исхраната во интегрална состојба, целосно, заедно со нивните сокови, не одделно, зашто така шеќерите постепено и дозирано преминуваат во крвта и природно, без удари и осцилации, го стимулираат панкреасот да лачи инсулин, со што ќе му овозможат долговечност.

Ако сакаме да имаме силен панкреас во текот на целиот наш живот и доволно енергија за извршување на нашите секојденви должности, тогаш нашиот појадок треба да се состои претежно од интегрални житарици кои се сложени шеќери (скроб). Во текот на варењето скробот постепено се разложува во прости шеќери кои рамномерно преминуваат во крвта, со што, како што рековме, се одбегнуваат силните удари врз панкреасот.

Кафето, зашеќерено, кое се пие во секое време и во поголеми количества, му создава исти проблеми на панкреасот како и соковите. Кафето, како кафе, нема никаква енергетска вредност и ништо не му дава на организмот. Напротив, тоа е камшик за срцето и за нервниот систем.

Коњ, впрегнат во кола полна со песок среде Вардар, се обидува да ја извлече колата на суво, но не може. Стопанот го удира силно со камшик и набргу коњот ја извлекува колата на брегот. Прашање: Дали камшикот му даде сила на коњот да ја извлече колата на суво? Не. Болката од камшикот го натера коњот да ги активира сите свои резервни сили со кои располага за да го извлече товарот. Но како се чувствува коњот по еден ваков удар? Премалено! Ако неговиот стопан продолжи да постапува така со него, тогаш тој ќе ги потроши сите свои резервни сили кои природно ги поседува и ќе загине.

Истото ни се случува и нам кога пиеме кафе. Кафето ги камшикува нервниот систем и срцето, безмилосно присилувајќи ги да работат и тогаш кога тие пекаат за одмор, трошејќи ги на тој начин и резервните сили со кои располагаат, се додека целосно не изнемоштат и не откажат да ги извршуваат своите функции.

Возач, премален за спиење, пие кафе за да остане буден и на време да стигне на целта. Но кога ќе ги потроши и резервните сили, нервниот систем откажува да функционира, него го надвладува силна дремка и тој лета во амбис.

Можеби, некој ќе каже: Јас пијам само по едно кафе на ден, наутро, за да ми се разведри денот. Да, но едното кафе повлекува по себе второ, второто трето и така повеќе кафиња на ден, се додека не почнат да ни се тресат рацете, да ни откажува срцето, да се чувствуваме премалено итн.

Затоа кафето, сите алкохолни пијалоци, цигарите и сите други наркотици и дроги, подалеку од нас, зашто со нив предвреме ќе ги потрошиме сите здравствени капацитети со кои природно располагаме, и ќе изнемоштиме, и нам ќе ни остане лута жалост која не ќе може ништо да поправи.

 

Твоето лично искуство

Живот без стрес
Извонредно корисна книга која ќе ви помогне да се справите...
 
повеќе


НАСКОРО!
Исхраната и здравјето
Откријте ја улогата на исхраната во вашето здравје...
 
повеќе





 
Адвентистите во Светот Адвентистите во Македонија Верувања Литература Здрав живот Детско катче Најчести прашања Контакти
Почетна страна | Врати се на почетокот од оваа страна | Препорачај ја странава на пријател

Дизајн на сајтот и подготовка на дел од текстовите: Лазар Томовски. Веб дизајн и веб програмирање: Тони Матев
Лектура и подготовка на дел од текстовите: Никола Тасевски. Коректура: Драган Лазески. Одговара: Михајло Гурев