Атанас Пешов
Од левитација до колпортер

Се викам Атанас Пешов, оженет, татко на две деца - Филип и Ивана.

Роден сум во шестчлено селско семејство. Кога имав пет години се доселивме во Скопје. Бидејќи бевме 4 деца, а примањата беа скромни, кога потпораснав, татко ми одлучи да ме прати во воено училиште. При првиот упис бев одбиен со карактеристика „недоволно ухранет“. Следната година конкурирав повторно и некако поминав, но севкупните тестови и прегледи не ми дозволија да учам за пилот (она што го сакав), па се запишав на воздухопловно-техничкото воено училиште во Сараево.
Како дете често имав навика да гледам во ѕвездите, не би ли видел некоја како паѓа. Сакав да летам по небото, но таа желба не ми се оствари. Сепак, работев околу авионите и тоа, донекаде, ме исполнуваше.

Отсекогаш трагав по нешто, но не знаев точно по што, ниту каде може да се најде. Во потрага по одговори, почнав да читам книги кои зборуваа за вселената, за духовните светови, за хипнозата и за старите религии и култури. Но, колку повеќе читав бев сe повеќе збунет!

Го завршив училиштето и добив работа на воениот аеродром во Пула, на море. Мојата работа беше многу интересна - испитување на авиони после 50-100 часовен лет. Кога ќе се вратев од работа, околу 15 ч., ќе каснев нешто набрзина и јурев во салата за гимнастика каде бев тренер на деца од 3 години па нагоре. Сакав да ги поучувам бидејќи и самиот ја сакав гимнастиката. Навечер одев на тренинг во друга спортска сала. Секое слободно време го користев за џогинг низ боровата шума покрај морето која беше послана со тепих од паднатите борови иглички. Толку сакав да го увежбам своето тело што се доведував до исцрпеност.

Си имав одредено по еден час за медитација во боровата шума, бидејќи веќе понапреднато практикував јога. Тоа многу ме смируваше, но, јас барав нешто повеќе... барав, но, не го наоѓав. Се прашував: „можам ли да им верувам на Ведите, индиските списи, можам ли да му верувам на Буда и будизмот или пак...?!“ Сите тие зборуваа за вистината и за патот кон неа, но зборуваа различно за постанокот на вселената и Земјата, за смртта и низа други теми.

„Ако има вистина, таа е една!“ - си реков, и затоа исполнет со сомнеж, не можев да се одлучам за ниедно од тие верувања.

Во тоа време практикував вежби кои полека ме одведоа во светот на левитацијата и чудни патувања надвор од телото. За време на тие манифестации, во моментот кога требаше да „се вратам“ во телото, некоја сила ми се опираше, ми бранеше и ми беа потребни крајни напори за да „се вратам“ во нормала. Не бев свесен во што сум навлегол, но, сакав да постигнам „ослободување“ за кое читав во книгите. (Би било предолго кога би ви пишувал за моите гладувања и себеизмачувања со кои се обидував да ја постигнам поставената цел.) Сакав да ја дознаам вистината, па, потоа вреди и да се умре - така размислував!

Верував дека постои вистина за сe, но не знаев, ниту верував во Бог кој е личност и кој има решение и одговор на прашањата кои ме мачеа.

Пет години подоцна, запишав вонредни студии за физичка култура во Љубљана. Тоа ќе ми овозможеше да работам како тренер за младинци, а во војската ќе имав можност да напредувам кон повисок чин. Но, тоа исто така значеше и дополнителни напори и ангажмани...

Едно попладне лежев на креветот, во собата каде што живеев под кирија. Повторно се мачев со мислите како да дојдам до вистината, што уште да направам... Си реков: „Господе, се предавам! Не можам повеќе!“

Не размислив многу пред да ги изговорам тие зборови, излегоа од мојата уста повеќе како извик за помош.

Тогаш, наеднаш, десно од мене се појави чудна светлина. Тоа беше крст. Беше мал, но неверојатно сјаен. Светлината доаѓаше од некоја чудна далечина или димензија, минуваше низ крстот и праволиниски влегуваше во собата. Течеше како вода во сите правци и ја исполнуваше просторијата. Такво нешто немав видено во животот! Се прашував: „дали ова е стварност?“.

А тогаш чув тивок, тенок и милозвучен глас: „Ако се предадеш со сето срце, ќе те примам!“

Што значи тоа „ќе те примам“? За миг, низ умот ми минаа мисли: „изгледа ќе го напуштам материјалниот свет, и ќе отидам... каде? Во Нирвана, Паранирвана?“ Не ми беше јасно што ќе биде со моето тело, со мојот дух,... затоа на гласот кој ми прозборе му одговорив: „Не, Господе, имам уште нешто да завршам на земјава!“ Тогаш таа појава се изгуби, светлината исчезна и собата повеќе не беше така осветлена. Се свртив кон часовникот. Беше 16 часот. Разбрав дека сето тоа беше стварност, но не разбрав што значат зборовите „ако се предадеш со сето срце, ќе те примам“, ниту пак бев свесен зошто одговорив така. Но, сe на сe, тоа искуство остави силен впечаток на мене!

После некој период, враќајќи се дома по улиците од стариот град Пула кои беа со камени скалила, на една куќа забележав огласна табла која го привлече моето внимание. Беше тоа најава за некои, според мене, необични предавања (подоцна разбрав дека тоа се предавања за Библијата). Одлучив да појдам!

Паралелно со предавањата ја читав и Библијата. Бев воодушевен, посебно од зборовите во Евангелието според Јован. Почнав почесто да ја посетувам адвентистичката црква и сe повеќе се уверував во вистинитоста на Божјиот Збор - Библијата. Радост почна да го исполнува моето срце.

Но, паралелно со мојата радост за новооткриената вистина, се појавија и неволји. Имено, кај мене на работа брзо се дозна дека одам во „некоја црква“ и читам Библија. Почнаа да ми вршат притисок: „не можеш да бидеш воен старешина и да одиш во црква“ (комунизмот тоа го забрануваше). Ми се закануваа со воен суд, па дури и со затвор. По неколку месеци ми рекоа: „подобро напушти ја војската доброволно, инаку ние ќе те избркаме, а згора на тоа ќе ти напишеме лоша препорака со која нема да можеш да се вработиш никаде!“ После подолг период на притисок, одлучив да ја напуштам армијата.

Во тој период дојде и мојата одлука да бидам крстен со библиско крштевање, како знак на моето прифаќање на христијанството. Бев крстен ноќе, во морето, бидејќи тогаш беше забрането јавно да се врши верски обред.

Останав без работа, школувањето во Љубљана не можев да го продолжам. Да се вратам кај родителите во Скопје... нема да ме разберат! Но, Бог ми го покажа своето спасение преку својот син Исус Христос, и јас сега имав „уште нешто да завршам на земјава!“

Желбата да го споделам моето откритие со моите најблиски ме наведе, по некое време, сепак да дојдам во Скопје. Оттогаш животот го посветив на објавување на Радосната вест за спасението преку Исус Христос на луѓето. Сиве овие години работам како колпортер. Сум носел христијанска литература насекаде низ Македонија и на многу места на просторите на бивша Југославија. Препреки имаше многу, но искуствено узнав дека Бог ме води и штити, и со радост, заедно со моето семејство, го чекам исполнувањето на Исусовите зборови: „...одам да ви приготвам место, а кога ќе отидам и ви приготвам место ПАК ЌЕ ДОЈДАМ да ве земам и вас за да бидете и вие каде што сум јас!“

 

 

Утре читајте:
Атанас Пешов
Од левитација до колпортер

Си реков: „Господе, се предавам! Не можам повеќе!“ Не размислив многу пред да ги изговорам тие зборови, излегоа од мојата уста како извик за помош...

 

Моето лично искуство
Доколку сте адвентист/ка испратете ни го Вашето искуство и збогатете ја нашате рубрика.
isprati


 
Адвентистите во Светот Адвентистите во Македонија Верувања Литература Здрав живот Детско катче Најчести прашања Контакти
Почетна страна | Врати се на почетокот од оваа страна | Препорачај ја странава на пријател

Дизајн на сајтот и подготовка на дел од текстовите: Лазар Томовски. Веб дизајн и веб програмирање: Тони Матев
Лектура и подготовка на дел од текстовите: Никола Тасевски. Коректура: Драган Лазески. Одговара: Михајло Гурев