300ден.
(+поштарина)
 
Големата борба
Елена Г. Вајт

Книгата “Големата борба” е едно од најважните дела на истакнатата американска адвентистичка писателка Елена Вајт, која живеела и работела во втората половина на деветнаесеттиот и првата половина на дваесеттиот век. Од нејзиното перо излегле дваесет и шест извонредни високо вредни духовни дела и околу пет илјади прилози, со вкупен фонд од над 25 милиони зборови, со што, како ниту еден друг автор, таа ризницата на светската духовна литература ја збогатила со брилијантни капитални дела, меѓу кои посебно место заземаат “Патријарси и пророци”, “Пророци и цареви”, “Копнежот на вековите”, “Христовите параболи”, “Делата на апостолите” и “Големата борба”, кои се духовен бисер и ненадминат систематски коментар на Светото писмо. За безмерната вредност на нејзините дела говори фактот што таа е најмногу преведуван автор во светот во историјата на преведувачката дејност воопшто.

Од времето кога првпат е објавена на својот изворен јазик во 1888 година, оваа книга, “Големата борба”, доживеала многу изданија и е преведена и издадена речиси на сите светски јазици, вклучително и на јапонски и кинески јазик. Таа постојано се издава и преиздава во огромни тиражи и неа ја читаат милиони читатели од сите возрасти во цел свет зашто, ако некоја книга заслужува да се нарече “Книга на нашето време”, тогаш, без сомнение, челно место и припаѓа токму нејзе, на “Големата борба”, бидејќи таа чекори пред времето и ги предводи настаните во него.

Книгата почнува со завршните сцени од историјата на светиот избран град, Ерусалим, кој во 70тата година по Христа доживеал страшна трагедија - бил потполно разурнат и срамнет со земјата. Потоа се опишани суровите прогонства во текот на првите векови, за време на многубожечкиот пагански Рим и римските цезари, кога илјадници христијани претрпеле маченичка смрт заради Христа во амфитеатрите од рацете на гладијаторите и во челустите на диви ѕверови пред очите на тогашната безочна римска толпа која се насладувала со нивните маки.

На нејзините страници документирано и потресно се опишани свирепите колежи и другите ужаси и хорори низ кои поминувале христијаните за време на мрачниот среден век, кога доминирал христијанскиот Рим, христијанската Римска црква, која со векови го држела светот оковн во стегите на својата железна мисла, ставајќи ги под херем (проклетство) сите што се осмелиле да мислат поинаку од неа и која со извлечениот меч на својата злогласна инквизиција пролеала милиони тони невина крв на милиони маченици на илјадници ломачи и гилотини низ цела Европа. Извонредно убаво е прикажана реформацијата и борците на реформацијата - Виклиф, Хус, Лутер, Калвин и другите славни реформатори - кои светот го извеле од средновековното мракоумие и мракобесие, и на човештвото му донеле слобода на мислата и совеста.

Книгата ги обработува библиските пророшта кои зборуваат за големата борба меѓу Христа и сатаната, меѓу доброто и злото, што почнала пред многу векови на небото, а сатаната ја пренел на нашата планета Земја. Посебно внимание авторот обрнува на жестоката завршница, на последната битка на таа вековна борба што ќе се води во нашите денови.

Приведуваме дел од нејзината содржина:

Прогонствата во првите векови * Џон Виклиф * Хус и Јероним * Лутер го напушта Рим * Библијата и Француската револуција * Исполнети пророштва * Што е тоа Светилиште? * Божјиот закон е непроменлив * Истражниот суд * Потеклото на злото * Непријателство меѓу човекот и сатаната * Активностите на демоните * Стапиците на сатаната * Првата голема измама * Спиритизам * Намерите на папството * Судир кој е пред нас * Библијата - наша заштита * Последна опомена * Време на голема неволја * Божјиот народ ослободен * Земјата опустена * Борбата е завршена

И неколку инсерти од пророштвата за новата земја:

Во Библијата наследството на спасените се нарекува татковина (Евреите 11,1416). Таму небесниот Пастир го води своето стадо на извори жива вода. Дрвото на животот носи плод секој месец. Таму течат потоци кои вечно жуберкаат, бистри како кристал, на чиишто брегови се лелеат дрвја кои со своите сенки ги постилаат патеките што им ги приготвил Господ на откупените. Таму пространите рамнини прераснуваат во прекрасни брекчиња, а Божјите гори ги издигнуваат своите возвишени врвови. На тие тивки полјани, покрај тие живи потоци, Божјиот народ, кој бил толку долго патник и поклоник, ќе најде своја татковина.

“Мојот народ ќе живее во мирни живеалишта, на безгрижни почивалишта.” “Нема веќе да се слуша за насилство во твојата земја, ниту за пустење и разурнување во твоите предели.” “Ќе градат куќи и ќе живеат во нив, ќе садат лозја и ќе го јадат нивниот плод. Нема веќе да градат а други да живеат, ниту да садат а други да јадат... избраниците мои долго ќе ги уживаат плодовите на своите раце” (Исаија 32,18; 60,18; 65,21.22).

“Нека се радува пустината и сувата земја, нека ликува степата и нека процути кринот.” “Место трње ќе расте кипарис, место коприва ќе вирее мирта” (Исаија 35,1; 55,13). “Волкот ќе живее со јагнето, леопардот ќе лежи со јарето... а нив ќе ги води мало дете.” “Нема веќе да се прави зло ниту ќе има пустење на сета моја света гора, вели Господ” (Исаија 11,6.9).

Таму ќе нема веќе солзи, ниту закоп, ниту каков и да е знак на жалост. “Смрт нема да има веќе, ни тага ни лелек... бидејќи поранешното помина” (Откровение 21,4.11). “И ниеден жител нема да каже: лБолен сум!' На народот што живее таму ќе му се простат гревовите” (Исаија 33,24). “Што око не видело, што уво не чуло и што во човечко срце не дошло, тоа Бог го подготви за оние кои го љубат” (1. Коринќаните 2,9).

Тука е престолнината на чудесната нова земја - новиот Ерусалим - “сиот во слава Божја, блескотен како скапоцен камен, камен сличен на кристален јаспис”, “прекрасна круна во раката Господова и царски венец на дланката на својот Бог” (Откровение 21,11.24; Исаија 62,3).

Божјиот народ ќе ужива непосредна заедница со Отецот и Синот. “Сега (Бога) го гледаме како во огледало, нејасно” (1. Коринќаните 13,12), но тогаш ќе го гледаме неговото лице без црн превез меѓу нас.

Таму бесмртните умови со неуморна одушевеност ќе ги проучуваат чудесата на творечката моќ и тајните на љубовта која спасува. Таму ќе го нема свирепиот и лукав непријател, сатаната, да заведе некого да го заборави Бога. Секоја дарба ќе се развива, секоја способност ќе се зголемува. Учењето нема да го заморува умот ниту да ја исцрпува животната сила. Таму можат да се извршат најголемите потфати, да се остварат највозвишените стремежи, да се исполнат највисоките желби, и сe уште ќе постојат нови цели да се постигнат, нови чуда кои ќе бидат предмет на восхитување, нови вистини да се сфатат, нови предмети да ги поттикнат силите на разумот, на душата и телото да се развиваат.

На откупените ќе им стојат на располагање сите богатства за истражување. Ослободени од смртноста, тие ќе се вивнат со неуморен лет во далечните светови - светови кои, гледајќи ги човечките јадови, биле обземени од болка, а пееле од радост при радосната вест за некоја спасена душа. Со неискажлива милина земните деца ќе се запознаат со радостите и со знаењето на оние суштества кои никогаш не паднале. Тие ќе земат учество во богатството на науката и знаењето што го стекнале овие суштества во текот на вековите проучувајќи ги Божјите дела. Слободно ќе ја посматраат славата на создавањето - сонцата, ѕвездите и нивните системи, како сите по одреден ред кружат околу Божјиот престол. На сите дела, од најмалечкото до најголемото, е напишано името на Творецот и кај сите се гледа богатството на неговата сила.

Големата борба е завршена. Грев и грешници нема веќе. Целата вселена е чиста. Насекаде во безмерниот универзум владеат апсолутна хармонија и радост. Од Оној кој создал сe тече живот, светлина и радост низ сите светови во бесконечните простори. Од најмалечкиот атом, до најголемиот свет, сe што е создадено, и живата и неживата природа, во својата непоматена убавина и совршена радост зборуваат дека Бог е љубов.

 



 

ПОРАЧКА
Ги порачувам книгите:

со вкупна цена од

+ поштарина
која ќе ја платам при приемот на книгите


име и презиме:

улица и број:

место:

телефон:

е-mail:


 



 
Адвентистите во Светот Адвентистите во Македонија Верувања Литература Здрав живот Детско катче Најчести прашања Контакти
Почетна страна | Врати се на почетокот од оваа страна | Препорачај ја странава на пријател

Дизајн на сајтот и подготовка на дел од текстовите: Лазар Томовски. Веб дизајн и веб програмирање: Тони Матев
Лектура и подготовка на дел од текстовите: Никола Тасевски. Коректура: Драган Лазески. Одговара: Михајло Гурев