|
Христијанската адвентистичка црква (Црква на адвентистите на седмиот ден) е организирана во 1863 година во Батл Крик, Мичиген, САД. Релативно новиот датум на нејзиното основање не значи дека и верувањата на христијаните-адвентисти се нешто ново. Адвентистичката црква се разликува од останатите христијански цркви, но нејзините верувања се всушност најблиски на верувањата на првите христијани, онака како што во Библијата тоа е забележано. Низ хронолошкоит осврт на развојот на христијанството, прикажан на шемата погоре и во материјалот кој следи, Ви ја презентираме историската позадина на Адвентистичката црква и нејзината поврзаност со изворното христијанство, онакво какво Исус Христос го проповедал.
Првите христијани Иако името „христијани“ се појавува подоцна, први христијани се всушност Исусовите ученици - апостолите. По Неговото воскресение од мртвите, (на третиот ден од распнувањето), христијанството почнало да се шири насекаде по тогаш познатиот свет. Со неугаслив жар и озарено лице првите христијани им објавувале на сите народи за настанот над сите настани: „...Бог толку го возљуби светот што го даде својот Единороден Син, та секој кој верува во Него да не загине, но да има вечен живот“ (Јован 3,16). Оваа радосна вест за победата над смртта која сега, преку Христа, му е достапна на секој човек, ја прифаќале илјадници. Се крштевале и станувале христијани - ја прифаќале „новата вера“.
Прогонства Рим жестоко се спротивставил на ширењето на христијанството. Библијата, а уште повеќе историјата, не известуваат за страшните прогонства и страдања што ги снашле христијаните во првите векови од нашата ера. Биле присилувани да се откажат од својата вера. Оние кои одбивале биле фрлани на диви ѕверови во арените, палени да горат како факли пред гневните маси народ, биле немилосрдно убивани. Мнозина во тоа време нашле засолниште бегајќи во пустите места или криејќи се длабоко под земјата, во катакомбите. Но, и покрај страшните ѕверства, намерата да се искорени христијанството не успеала. Оние кои умирале како да биле семе за нови христијани. Колку повеќе биле прогонувани, понижувани и убивани, толку повеќе се зголемувал бројот на луѓето кои охрабрени и воодушевени од нивната непоколеблива вера го прифаќале христијанството.
Големиот отпад Доскоро забранувано и прогонувано, во времето на царот Константин (IV век) христијанството станало државна религија. Сега веќе не било срамота ниту опасно да се биде христијанин, напротив - станало популарно. Прогонствата престанале, но, се појавил нов, поопасен непријател. Тоа било се поотвореното прилагодување на христијанството кон верата на паганските (многубожечки) народи. Во тој период мнозина го примале христијанството заради популарност или добивање привилегии. Други пак, биле присилно христијанизирани. Без промена на своите погледи на светот, или како што вели Библијата, без промена на срцето, и едните и другите, само го смениле името на својата вера, но не и нејзината суштина - тие си останале многубошци. На тој начин во христијанството заедно со таквите луѓе влегле и бројни верувања и обичаи кои свое потекло имаат во паганството: обожавање на слики и статуи, верување во бесмртност на душата, вечни маки во пеколот (подоцна е додадено и верувањето за чистилиштето); наместо саботата од четвртата Божја заповед, за празнување е воведен паганскиот ден на сонцето - недела, воспоставена е посредничката улога на светители, култот на Марија, дарови и обреди за мртвите, верувањето дека со добри дела, жртви и самоизмачување може да се заслужи Божјата милост... Овие и уште многу други верувања кои немаат никаква основа во Библијата биле причина за целосно деформирање на христијанството. Таквата промена не останала без последици на целокупното човеково живеење. Светот навлегувал во мрачниот дел од својата историја!
Било претскажано! Извонредно важно е да се нагласи дека ваквиот тек на настаните бил претскажан во Библијата. Таа вели: „Не ќе се случи (се мисли на второто Христово доаѓање) додека најнапред не дојде ОТПАЃАЊЕТО...“ (2 Солуњаните 2,3).
Мрачниот среден век И навистина, сите кои верувале поинаку од државната Црква, сите кои сакале да останат верни на она „така вели Господ“ - биле прогонувани. Историјата и тоа го забележала: повторно мачења, повторно свирепи и немилосрдни убиства, ломачи, ѕверства, масовни истребувања и гонења, и сето тоа во име на Бога. Овој пат во улога на гонител не бил паганскиот Рим туку отпаднатата Црква - онаа која требало на луѓето, со збор и со дело да им го претстави кроткиот Исус од Назарет. За да го задржи под власт, Црквата го држела народот во незнаење. Во тоа време да се чита Библијата значело да се изложиш на животна опасност!
Реформација Во сите времиња постоеле луѓе кои, без разлика на цената, стоеле на страната на вистината. Често биле неразбрани и неприфатени од мнозинството, но тие биле верни на својата совест - живееле според она што го читале од Светото Писмо - Библијата. Како и првите христијани некогаш, и тие често свое засолниште наоѓале во пустите места, далеку од раката на прогонувачите. Таквите луѓе го отпочнале процесот кој се нарекува Реформација и кој во полна сила се појавува во XVI век, процес кој претставува реформирање на Црквата, нејзино враќање кон изворните учења и начин на живот. Во разни делови на Европа се појавуваат луѓе кои го подигаат својот глас против она што црквата станала, против сите неправди и невистини кои се вовлекле во неа. Некои од нив се: Џон Виклиф, Јан Хус, Урлих Цвингли, Мартин Лутер, Жан Калвин, Џон Нокс, браќата Веслеј... Проучувајќи ја Библијата тие почнале повторно да ги откриваат заборавените, и со човечки традиции, покриени вистини. Ги откривале и ги објавувале на народот. Библијата почнала да се преведува на народен, разбирлив јазик, за луѓето да можат лично да се уверат во прекрасните вистини кои таа ги содржи.
Протестанти Реформацијата се ширела низ Европа како оган. Цели градови, па и држави ја прифаќале реформираната вера. Таквиот развој на настаните бил причина римскиот Папа да се почувствува загрозен. Тој понудил договор во кој барал од оние кои ја прифатиле рефомираната вера да не ја прошируваат на нови територии, а за возврат ќе бидат оставени на мир. Во 1529 год. германските кнезови одлучно се спротивставиле вложувајќи сериозен протест против таквиот предлог. Оттогаш изразот „протестанти“ им се припишува на црквите кои се спротивставуваат на неприкосновената власт на римскиот поглавар и основата за својата вера ја земаат од Библијата, а не од човечки или црковни авторитети.
Цркви кои произлегле од Реформацијата Во Реформацијата некои застанале на она ниво до кое стигнале нивните водачи-реформатори. Оформиле цркви кои го носеле нивното име (Мартин Лутер - лутерани, Жан Калвин - калвинисти...) или името на некоја библиска вистина која е карактеристична за нив (баптисти, методисти, евангелисти, презвитеријанци...). Понатаму тие се затвориле за се што е „ново“.
Настанок на Адвентистичката црква Мнозина, во потрага по верска слобода, го напуштиле стариот континент и запловиле кон новооткриената Америка. Таму, тие биле слободни да веруваат и живеат според вистината која ја дознавале од Библијата. Второто христово доаѓање било главен предмет на проучување на Библијата во текот на сите векови. Како резултат на истражувањето на оваа голема вистина, меѓу христијаните во многу земји во почетокот на IX век настанува адвентното движење, за малку подоцна да биде организирана Црквата на адвентистите на седмиот ден (кај нас позната како Христијанската адвентистичка црква). Адвентистите сметаат дека отишле најнапред во долгогодишниот процес на реформа, односно се вратиле наназад до изворното, библиско христијанство, отфрлајќи ги сите небиблиски примеси кои се натрупале со вековите, и одново ги прифатиле вистините кои биле запоставени и отфрлени. Веродостоен тест за ова тврдење е описот кој ни го дава Библијата за животот и верата на првите христијани, поуките и принципите на кои ги упатувал и учел самиот Исус Христос, но исто така и фактите кои ги бележи историјата за развојот на христијанството и за промените и отстапувањата кои се случувале во него.
(Врати се кон шематскиот приказ на почетокот)
|
|
Дизајн на сајтот и подготовка на дел од текстовите: Лазар Томовски. Веб дизајн и веб програмирање: Тони Матев |