Веќе кажавме дека идејата за природни лекови и за здрав начин на живеење која опфаќа: чист и свеж воздух, умерена сончева светлина, умереност во се, неопходен одмор, физички активности, здрава храна, чиста и здрава вода и доверба во Бога - е адвентистичка идеја којашто адвентистите ја промовираат повеќе од 150 години, а дури денес ја потврдува современата медицина. Овие природни лекови не само што природно ги лекуваат болестите, туку се одлична превентива и столбови за нашето тековно здравје.


Чист воздух
Од сите елементи, неопходни за животот на нашата планета, најнеопходен е воздухот, без кој живите суштества не можат да преживеат повеќе од неколку минути. Без воздух нашите гласни жици не би можеле да затреперат и ние не би можеле да зборуваме - светот би бил полн со неми созданија. Освен за звукот, воздухот е природен транспортен систем на влага, на семе за расејување на билките, на полен и мириси, без кои животот би ни бил неподносливо прозаичен. Без воздушниот притисок, сета вода од морињата би испарила и нашата планета би се претворила во пуста пустина. Птиците и авионите не можат да летаат ако нема воздух.

Кога дишеме, ние во организмот со воздухот внесуваме кислород кој со крвотокот се разнесува низ сите наши клетки каде што со негова помош согорува храната и ги снабдува нашите органи со енергија без која не можат да работат. Така ние можеме да мислиме, да одиме, да седиме и да ги извршуваме сите умствени и физички активности.
Свежиот воздух ја забрзува циркулацијата на крвотокот, со што се транспортира поголемо количество кислород до клетките, а и поефикасно се исфрлаат отпадните материи од метаболизмот. Резултат: смирени нерви, подлабок сон, подобро мислење, подобра работа, подобро здравје.

Тандемот од свеж воздух и сончева светлина придонесува за побрзо закрепнување на болните. Сончевата светлина го подига расположението и спокојството и носи олеснување, а го активира и ја зголемува оксидационата моќ на кислородот од свежиот воздух кој ги оксидира и ги убива бактериите.

Но денес ситуацијата во врска со свежиот и чист воздух не е розова. Еден од најголемите современи проблеми во светот е екстремната загаденост на воздухот, особено во урбаните средини. Секоја година индустриските постројки и возила исфрлаат во воздухот милиони тони најразлични загадувачи - цврсти честички (аеросоли), гасови и течности. Кога кон ова ќе ги додадеме правот, поленот, инсектицидите и чадот, тогаш добиваме атмосфера во која постојат сите услови за најразлични заболувања.

Ние, заедно со сите други живи суштества, од воздухот земаме кислород, а на воздухот му враќаме јаглероден диоксид. Тоа е рамнотежа што ја воспоставил Бог при создавањето. Шумите и морските алги се најсовршени Божји природни фабрики во кои, меѓу другото, во процесот “фотосинтеза”, што се одвива во нив, се врши рециклирање на потрошениот кислород - процес кој го намалува процентот на јаглеродниот диоксид, а го збогатува воздухот со чист и свеж кислород. Затоа, со сите сили да се бориме да ги сочуваме преостанатите зелени површини кои секоја година рапидно и енормно се намалуваат, и во интерес на нашето здравје да поминуваме колку што е можно повеќе време во шумите и парковите, на езерата и морињата, каде што изобилно можеме да се надишеме свеж и чист воздух и кислород.



Сончева светлина

Кој не и се радува на топлата пролетна сончева светлина по една тешка зима, кога сонцето ја буди природата од зимскиот сон и повторно го воскреснува животот што замрел под налетите на зимското студенило и ја почнува својата разиграна динамика насекаде околу нас? Чии гради не се исполнуваат со восхит кога погледот го милува мајскиот тепих од прекрасни цвеќиња распослани по ливадите, парковите и шумите и чие сетило за мирис не се насладува од волшебните мириси што допираат до нашиот нос од сите страни?

Чие срце не блика од радост и чиј дух и здравје не закрепнуваат уживајќи во слободата и во грациозните летови на ластовиците среде небесното синило и слушајќи ги чудесно убавите, милни и пријатни песнички на славејчињата и на другите птици, зуењето на роевите пчели, и посматрајќи ги сите други неискажливо убави дела на разиграната природа што ги родиле сончевата светлина и топлина?
Да, почитувани, сончевата светлина и топлина прават такво опкружување околу нас и ни создаваат таква убава и пријатна животна средина, атмосфера и амбиент, кои го отстрануваат песимизмот, ги растреперуваат струните на нашата душа, произведуваат во нашето срце оптимизам, убаво расположение, благодарност, песна и музика. Тие се силни да ги активираат и стимулираат сите ослабени и премалени одбранбени механизми и потенцијални можности на нашиот организам успешно да се справи со сите агресори кои се закануваат да навлезат во него како слабост или болест. Во таа смисла сончевата светлина и топлина се природни лекови, посилни и од најсилната медицина и како превентива и како лекови за нашите болести, кои адвентистите ги промовираат повеќе од 150 години пред светската јавност.

Да ја повториме мислата од претходниот поднаслов: Тандемот од свеж воздух и сончева светлина придонесува за побрзо закрепнување на болните. Сончевата светлина го подига расположението и спокојството и носи олеснување, а го активира и ја зголемува оксидационата моќ на кислородот од свежиот воздух кој ги согорува и ги убива бактериите. Таа и самата директно ги убива штетните микроби насекаде каде што ќе успее да навлезе. Затоа обилно да ја користиме природата и нејзините благодети и ширум да ги отвориме вратите и прозорците на сите наши простории каде што живееме и да и дозволиме на сончевата светлина непречено да ја извршува својата од Бога дадена задача како чувар на нашето здравје. Сепак, поради оштетувањето на озонската обвивка, ни се препорачува да бидеме претпазливи, да не се изложуваме премногу на сонце, особено за време на пладневните часови.



Умереност

Умереноста е универзален бастион на здравјето и карпа-превентива врз која се разбиваат сите атаци кои се обидуваат истото да го нарушат и упропастат. Ако сакаме да уживаме добро здравје, императив е да бидеме апсолутно умерени во се. Ако јадеме прекумерно или недоволно, дури и најквалитетна, здрава храна, ние ќе се разболеме. Ако постојано работиме прекумерно или, пак, сме сосема неактивни, ќе се разболеме.

Неколку убави препораки во врска со умереноста:

“Бог нема да направи чудо за да ги сочува од болест оние кои не се грижат за себе, туку постојано ги кршат законите на здравјето и не вложуваат никакви напори да ја спречат болеста” (Елена Вајт).

“Потруди се да ги казниш своите апетити пред тие да те казнат тебе” (Тириус Максимус).

“Ниту еден човек никогаш не се покајал што од трпезата станал трезен, здрав и не прејаден” (Џереми Тејлор).

“Драги Санчо, појадувај малку, а вечерај уште помалку, зашто стомакот е работилница во која се коваат здравјето и животот” - Дон Кихот (Мигуел Де Сервантес).

Според тоа, умереност, умереност и, по третпат - умереност во се: во јадењето, во пиењето, во работата, во спиењето, во физичките активности; умереност во желбите, амбициите и плановите по секоја цена да се постигне и да се има се што ќе посакаат очите и срцето...



Одмор

Веднаш да кажеме дека нашиот организам не е програмиран за ваков хиперактивен, премногу динамичем и несносливо сензитивен живот што го живееме денес. Постојано сме во некаква трчаница. Брзаме од работа на работа, од задача на задача, и така во недоглед со брзаница преминуваме од еден заморен во друг, уште позаморен ден. Ние сме вознемирени, исплашени и оптоварени со тешки грижи како ќе опстанеме и преживееме. Или пак сме проникнати со мегаломански желби светот да го ставиме в џеб. Затоа постојано гледаме на часовникот, се натпреваруваме со времето кое како тежок валјак се тркала и ние бегаме пред него за да не не' прегази. Трчаме дури и по подвижните скали, како да ќе ни побегне и последниот воз, фаќајќи се во последен миг за рачката на последниот вагон, плашејќи се дека ќе ни пропаднат сите животни шанси. Хронично сме ненаспани и уморни. Секој ден нервите се повеќе ни се затегаат како жици на виолина, ни се истенчуваат и пукаат; настапуваат депресии, стресови, болести и животни хаварии.

Од тие причини, ние мораме да подзапреме, да подзастанеме, да се одмориме и да здивнеме од секојдневните шокови, да најдеме време да се дружиме со пријателите, да се радуваме со семејството, со децата, да уживаме во природата и да му се радуваме на посветлиот дел на животот.

Организмот ни пека за одмор и нам навистина очајно ни е потребен одмор, вистински, здрав одмор. Екстремните физички и психички напори на кои сме изложени можеме успешно да ги совладуваме и со нив да се справуваме ако имаме редовен ноќен одмор во траење од седум до девет часа, здрав природен сон без никакви седативи.

Најефикасен сон и одмор ќе имаме ако проблемите ги оставиме на работното место. Добро е крај креветот да имаме замислена канта за отпадоци во која пред спиење ќе го исчистиме умот од сите мисли поврзани со секојдневните проблеми и ќе легнеме мирно да спиеме.
Сонот го отстранува уморот и најделотворно го закрепнува мозокот, приготвувајќи не за поголем успех, прецизност и ефикасност на сите животни подрачја. Ги обновува истрошените сили и акумулира нова енергија за идните напори. Го засилува нашиот карактер и нашето физичко и ментално здравје.

Викендите и годишниот одмор, поминати во семејно и друго пријатно друштво во природа, честите прошетки, физичките вежби и времето поминато во лично хоби, се можност за дополнителна релаксација на истрошениот организам.

„Одмори се! Полето кое се одморало носи обилна жетва!”
(Овидие).

“Одморот и успехот се другари!” (В. Г. Бенхем).




Физички активности

Уште пред сто и педесетина години, адвентистичкиот лекар Келог, во првиот адвентистички здравствен центар во Батл Крик во Соединетите Држави, вовел физички вежби за закрепнување на пациентите кои се лекувале во него. И денес можат да се видат справите на кои вежбале Келоговите пациенти. Тие сведочат за огромната важност што им ја придаваат адвентистите на физичките активности како превентива од најразлични заболувања, а и како природна активност која им помага на болните полесно и поуспешно да се справат со своите болести.

Не може доволно да се нагласи колку голема вредност и значење имаат редовните физички вежби и активности за нашето здравје, особено за денешниот човек кој поголем дел од своите работни обврски ги извршува седејќи или многу малку се движи. Правилно и редовно применувани, тие најуспешно, природно и без никаков ризик за нашето здравје, ја намалуваат нашата зголемена телесна тежина и ни помагаат константно да ја држиме под контрола. Ако имаме нормална телесна тежина, ние сме лесни на нога, расположени и полетни, поубаво изгледаме, се чувствуваме пријатно и посреќни сме. Тогаш, без никаков додатен напор, нашите телесни органи нормално, долговечно и со полн капацитет ги извршуваат своите функции, без ризик да заболат од многубројните болести што се придружници на зголемената телесна тежина или неактивност.

Најефикасни за нашето здравје се вежбите што ги правиме во утринските часови, не потценувајќи ги и оние што се изведуваат во секое друго време. Покрај сестраната физичка корист што ја имаме од физичките активности, тие едновремено не релаксираат и ослободуваат од секојдневните напнатости, фрустрации и стресови што ги произведува современиот, хипердинамичен живот, зашто факт е дека нашиот ум е тесно поврзан со нашето тело, па кога страда едното, страда и другото, и кога се релаксира едното, се релаксира и другото.

Физички вежби и активности кои ни стојат на располагање: трчање, пливање, велосипед и сл.; тенис, одбојка, кошарка, фудбал и сл.; здравствени клубови опремени со најразлични справи за физички вежби; време поминато во физичка активност во градина, активна прошетка во природа, планинарење, скијање и сл. Најраспространета и мошне ефикасна физичка активност, прифатлива речиси за секого, е брзото одење пеш, најмалку еден час секој ден (околу 8 км).

“Ако сакате да дознаете дали ви е мозокот слаб, тогаш проверете ја цврстината на своите нозе” (Брус Бартон).

Кои физички вежби? Најефикасна физичка вежба и активност за нас е онаа во која ќе уживаме кога ја изведуваме. Затоа да го одбереме она што е најсоодветно за нас, што најмногу ни одговара нам, на нашата физичка конституција и на нашите можности и услови. Да ја прифатиме сесрдно и таа нека стане дел од нашиот секојдневен живот и потпора на нашето здравје. Секако, пред да почнеме со вежбање, ќе се посоветуваме со нашиот лекар, особено ако имаме некакви здравствени проблеми.



Здрава храна и правилна исхрана

Денес многу се зборува и се пишува за поимот „Здрава храна и правилна исхрана”, очигледно затоа што од неа во голема мера зависи нашето здравје.

Несомнено, според степенот на квалитетот на храната и на нејзините здравствени вредности, челно место им припаѓа на житариците и овошјето. Веднаш зад нив по квалитет се зеленчуците. И трета група, најмалку квалитетна храна, е месото.

Но дури и најквалитетната и најздравата храна, ако се фабрикува и рафинира, за да се подобрат нејзините надворешни, органолептички својства, се обезвредува, ги губи своите вредности како првокласна храна и станува не само помалку здрава, туку и штетна за нашето здравје. Тоа е силна причина, и во името на нашето здравје императив да користиме нерафинирана, полновредна или интегрална храна која располага со природни внатрешни сили, со висока биолошка вредност и со немерливи хранливи и здравствени капацитети кои комплетно ги задоволуваат сите потреби на нашиот организам.

Интегрална храна - целосна, природна храна, ништо не е отстрането од неа.
- Црн леб од интегрално брашно од кое не се отстранети ниту триците ниту лушпата. Триците имаат висока биолошка вредност зашто се вистински арсенал на минерали, витамини и ензими. Многу важна е нивната целулозна лушпа. Тоа се несварливи растителни влакна кои се незаменливи природни лаксативи на нашите црева, природни регулатори кои овозможуваат редовна столица.

- Интегрален, неглазиран, кафен ориз, од кој не се отстанети триците кои се еден од најбогатите извори на витамини од групата Б.

- Сите корнфлекси и пахулки, познати како Келогов појадок, од цели зрна на пченица, пченка, рж, овес,... се извонредна здрава интегрална храна.

- нерафинираните, ладно цедени растителни масла имаат здравствено предимство над сите други масла.

Овошјето и зеленчуците се природна храна со висока биолошка вредност и нив треба да ги користиме во поголеми количества, целосно, во интегрална состојба, така како што ни ги дава природата. Не е најздраво од нив да се исцеди сокот и да се испие како сок, а другата содржина да се фрли, или изделено да се користи за друга намена. За ова ќе дадеме појаснение во рубриката „повеќе”.

Посебна група на комплетна растителна храна со извонредна биолошка, хранлива, енергетска и здравствена вредност, без која не може да се замисли исхраната на светското население, се т.н. легуминози (мешункари) - сојата, гравот, леќата, грашокот и боранијата - богат извор на растителни белковини без придружникот холестерол. Во интерес на нашето здравје, тие треба да бидат најмногу застапени во нашата редовна исхрана.

Интегралната храна, овошјето, зеленчуците, мешункарите и мастите од растително потекло, имаат големо предимство над месото кое, заедно со мастите од животинско потекло, се најнездрава храна која, покрај другото, го обременува организмот со холестерол кој му создава големи проблеми на нашето здравје.

Рафинирана храна - обезвредена, нецелосна, осиромашена. Од неа е отстранет најдрагоцениот дел, триците и лушпата, кои ја сочинуваат нејзината биолошка вредност. Пример за тоа се белиот леб и сите производи од бело брашно, како и белиот, глазиран ориз, кои имаат само енергетска, без биолошка вредност, и кои создаваат опстипација или запек. Белиот шеќер и белата сол се исто така рафинирани производи без биолошка вредност. Рафинираните масла се помалку биолошки вредни од нерафинираните.

Потребна е и реформа во исхраната и во животните навики. Каква? Веќе кажавме: Апсолутна умереност кога користиме квалитетна и здрава храна и целосна апстиненција од онаа која е штетна за нашето здравје. Само два редовни оброка на ден: Обилен појадок и просечен ручек, можеби и евентуално многу слаба вечера, но порано, не пред спиење. Никакво дополнително јадење и грицкање меѓу оброците. Никакви чипсови, кои се полни со неквалитетни, калорични маснотии, ниту што и да е друго, додека седиме и гледаме ТВ. Кафето и сите газирани и засладени напитоци ќе ги сведеме на минимум, а со текот на времето наполно ќе ги изоставиме. Ќе пиеме доволно количество обична, здрава вода, околу еден и пол литар на ден. Што подалеку од сите мрсни калорични и сувомесни, како и од конзервираните производи, кои се полни со штетни адитиви и конзерванси. Нашите оброци треба да се состојат од здрава интегрална храна, обилна со свежи зеленчуци и овошје.

За штетноста на шеќерите и кафето, информации во рубриката „повеќе”.



Здрава и чиста вода

Без храна човек може да преживее подолго време, но без вода само неколку дена. Меѓутоа, еден од најголемите горливи проблеми со кои се соочува светот денес е недостигот од чиста и здрава вода за пиење. Иако три четвртини од површината на нашата планета се покриени со вода, заради што е наречена “сина планета”, мал дел од тие безмерни количества, или само околу три проценти, се слатка вода за пиење, од кои пак, околу два проценти се врзани за северниот и јужниот пол, далеку од можноста човекот да ги користи. За да биде проблемот уште поголем, добар дел и од оној еден процент од водата за пиење што ни стои при рака, човекот со своето недомаќинско однесување во голема мера го загадил и го исфрлил од употреба. Се проценува дека денес околу една милијарда од светското население нема здрава вода за пиење, што е своевиден проблем и ризик за нивното здравје.

За неопходните функции што ги извршува водата во нашиот организам и за другите подробности во врска со неа, во рубриката „повеќе”.



Доверба во Бога

Извонредно убаво и пријатно е чувството да имаш во некого доверба, но не обична, туку апсолутна, длабока, комплетна и целосна доверба. Тоа подразбира најблизок роднина (татко, мајка, брат, сестра...), другар, пријател... од кого без притеснување можеш да побараш совет, помош, на кого можеш да му се довериш... За жал, ретки се таквите пријатели.

Но, иако можат да изневерат и нашите најблиски земни пријатели, Бог никогаш нема да не изневери. Тој е наш најдобар и најверен пријател кој никого не разочарал ниту пак некогаш некого ќе разочара. Божјата реч, Библијата, кажува дека може да се случи да не заборави и нашата родена мајка, но Бог нема да не заборави: “Може ли жена да го заборави својот пород, да не му се смилува на чедото на својата утроба? А и кога би го заборавила, јас тебе нема да те заборавам” (Исаија 49,15).

Прекрасно е сознанието кое ти помага пред Бога ширум да го отвориш своето срце и нему да му кажеш се, се што те мачи, што те притиска и обеспокојува, дури и она што не би се осмелил да му го кажеш ниту на својот најверен пријател; целосно да ја отвориш пред него својата душа и нему да му ги довериш сите свои тајни, без да се плашиш дека нема да те разбере, дека погрешно ќе те разбере или пак дека Тој ќе ја злоупотреби твојата апсолутна доверба во него.

Подробности за довербата во Бога во рубриката „повеќе”.

 

Ви препорачуваме

Живот без стрес
Извонредно корисна книга која ќе ви помогне да се справите...
 
повеќе


НАСКОРО!
Исхраната и здравјето
Откријте ја улогата на исхраната во вашето здравје...
 
повеќе


 
Адвентистите во Светот Адвентистите во Македонија Верувања Литература Здрав живот Детско катче Најчести прашања Контакти
Почетна страна | Врати се на почетокот од оваа страна | Препорачај ја странава на пријател

Дизајн на сајтот и подготовка на дел од текстовите: Лазар Томовски. Веб дизајн и веб програмирање: Тони Матев
Лектура и подготовка на дел од текстовите: Никола Тасевски. Коректура: Драган Лазески. Одговара: Михајло Гурев