Повеќе за водата:

Водата сочинува 60 проценти од нашата вкупна телесна тежина и тој процент мора константно да се одржува и загубената вода постојано да се надоместува однадвор. И коските содржат вода. Таа се наоѓа во сите наши ткива, во клетките и околу нив, и учествува во сите телесни активности. Околу 93 проценти од крвта се вода, течност којашто ја разнесува храната и другите потребни материи до секоја клетка и ги прифаќа и ги исфрла отпадните материи од метаболизмот што ги создава нашето тело. Некои штетни материи внесуваме заедно со храната, со пијалоците и со лековите, но и преку кожата и органите за дишење. Потребна е вода да ги раствори и нив и заедно со другите отпадни материи што се создаваат во целото тело да ги пренесе до кожата, до белите дробови и до бубрезите кои ќе ги исфрлат надвор. Ако отпадните материи не се исфрлат од телото, тие предизвикуваат: замор, слабост, сонливост и сериозно го нарушуваат и го оштетуваат здравјето.

Од тие причини водата е повеќе отколку само средство за одржување на личната и семејната хигиена и за гасење на жедта. Таа е главен ток на нашиот живот. Но водата, заедно со минералите (главно со натриумот и калциумот), едновремено е и електролит без кој нервниот систем не може да ги извршува своите сложени функции. Електролитот е средина низ која се пренесуваат електричните импулси од мозокот до сите органи, овозможувајќи им на органите динамика и функционалност и правејќи го целиот организам хармоничен динамичен систем од најразлични активности. Без тоа во организмот би настанала тотална парализа.
Жлездите кои создаваат сокови за варење излачуваат околу 7 литри течности на ден. За своите потреби тие не можат да складираат толку многу течности. Затоа постојат процеси во кои учествуваат ензими кои ја извлекуваат водата од крвта и им ја предаваат на овие клетки кои создаваат желудочен сок со соодветна густина. Кога стомачните сокови ќе ја завршат својата работа, водата повторно се враќа во крвта за пак да го повтори кругот, можеби пред да успееме да го завршиме својот оброк.

Затоа, независно од тоа дали ни се допаѓа и дали сакаме или не, ние мораме редовно да пиеме доволно количество вода. Бидејќи исфрламе многу течности преку бубрезите, кожата, белите дробови и дебелото црево, потребно е да пиеме повеќе вода отколку што мнозинството од нас го прават тоа. Постојано при рака треба да имаме чаша, редовно да ја полниме со вода и да сториме се да испиеме повеќе вода во текот на денот. На човекот му се потребни најмалку шест до осум чаши вода дневно меѓу оброците (најмалку еден и пол литар). Од голема важност е да напоменеме дека изобилното количество вода помага да имаме редовна и уредна столица. Најдобро време за пиење на вода е 10 до 15 минути пред оброците и еден до два часа по оброците.
Соковите во органите за варење најдобро дејствуваат при нормална телесна температура, што значи, ако пиеме многу ладна вода, или други ладни, или многу топли напитоци за време на оброците, го забавуваме варењето се додека содржината во желудникот не ја постигне соодветната температура.

Преку лето, особено кога се занимаваме со потешки физички активности, ние се потиме. Потењето помага температурата да се одржи константна. Оние што се занимаваат со пешачење како спорт, потоа алпинистите, маратонците и другите спортисти, утврдиле дека помалку се заморуваат кога патем пијат вода. Можеби тоа доаѓа оттаму што водата пристигнува во сите ткива и ги штити од оштетување. Таа нашите мускули, крвните садови, 'рскавицата, па дури и коските, ги прави поеластични.
Туширањето на нозете со топла вода е извонредно средство за отстранување на главоболката, зашто тоа ги шири крвните садови во нозете, со што го нормализира крвниот притисок.

Веројатно сакате туширање што освежува, или опуштено лежење во када. Капењето претставува повеќе од обично миење на прашината и потта од кожата. Тоа ја подобрува циркулацијата, а таа го закрепнува вашиот ум, помага при варењето и дотура бели крвни зрнца во крвотокот, со што ја зголемува вашата отпорност кон болестите.
Наизменичното топло и ладно туширање, што завршува со ладна вода и со силно триење кое загрева, ја подобрува “будноста” која е потребна за совладување на тешките дневни обврски.

Кога другите течности преминуваат во цврста состојба, тие се собираат или стануваат погусти и тонат на дното. Но водата не се однесува така. Мразот е полесен и плива по површината на водата. Помислете што би се случило кога ова не би било секојдневна појава, кога мразот би бил потежок од водата и кога би тонел на дното? Најпрво реките во северните и јужните предели би се излеале од своите корита и би предизвикале катастрофални поплави. Морињата и езерата, исто така во најсеверните и најјужните предели, многу бргу целосно би замрзнале, оковувајќи се во вечен лед и претворајќи се во огромни ледници и ледени пустини. Таа ситуација брзо би се движела кон екваторот, при што нашата планета би станала ледена планета на која би згаснал животот.

Но Бог нашата планета ја создал за да се живее на неа. Затоа, кога ги создавал физичките закони во природата, Тој во својата премудрост ја предвидел и ја создал и аномалијата на водата за да не се угаси животот на неа.

Водата како растворувач ги раствора и ги однесува хранливите материи длабоко во земјата до корените на растенијата.
Водата има уште една чудесна особина. Има најголем топлотен капацитет од сите материи - бара многу повеќе топлина за да ја подигне својата температура за еден степен од исто количество на која било друга супстанција. Тоа значи дека водата најтешко се загрева, но и најтешко се лади. Затоа морињата се огромни резервоари кои преку лето апсорбираат и акумулираат во себе колосални количества на топлотна енергија којашто преку зима ја зрачат во својата околина.
Тоа е причина што крајбрежните подрачја имаат поблага клима преку зима од оние во внатрешноста на копното.

Соодветно на тоа, потребни се повеќе топлотни калории за да се растопи еден килограм мраз отколку за исто количество на која било друга супстанција. Така, кога ќе ставите ледена облога на повредена нога, таа поуспешно ќе ја излади ногата дури и од студената вода, бидејќи ги собира крвните и лимфните садови и го намалува отокот.

Почитувани, кога сето ова го знаеме, дали од денес многу повеќе ќе ја цениме водата како скапоценост без која не е можно да се живее? Да не штедиме напори ниту труд мудро да стопанисуваме со неа за да ја зачуваме нејзината чистота и нејзината исправност, зашто од тоа зависи нашиот опстанок во иднина! Почесто да излегуваме во природа и да уживаме набљудувајќи водопад опкружен со прекрасните бои на виножитото и да му благодариме на Бога за оваа негова голема благодат, за водата! Да уживаме во дијамантите од росни капки на цвеќињата и тревата! Секогаш кога ни се дава можност истата да ја искористиме, да се спружиме на зелениот тепих од трева и така легнати, и целосно опуштени, да и се восхитуваме на прекрасната глетка од разиграни слики што ни ја создаваат белите водни облаци среде небесното синило!
Водата е уште еден вистински чувар на животот.

 

Твоето лично искуство

Живот без стрес
Извонредно корисна книга која ќе ви помогне да се справите...
 
повеќе


НАСКОРО!
Исхраната и здравјето
Откријте ја улогата на исхраната во вашето здравје...
 
повеќе





 
Адвентистите во Светот Адвентистите во Македонија Верувања Литература Здрав живот Детско катче Најчести прашања Контакти
Почетна страна | Врати се на почетокот од оваа страна | Препорачај ја странава на пријател

Дизајн на сајтот и подготовка на дел од текстовите: Лазар Томовски. Веб дизајн и веб програмирање: Тони Матев
Лектура и подготовка на дел од текстовите: Никола Тасевски. Коректура: Драган Лазески. Одговара: Михајло Гурев