|
|
Уште едно капитално духовно дело од ризницата на светската духовна литература на македонски јазик! Уште еден потфат на издавачот со кој се збогатува опусот на македонската духовна реч! Предимство за еден народ е да има вакво духовно богатство на својот јазик, ваков извор на сознанија од областа на изворната библиска наука.
Адвентистичката издавачка куќа “Знаци на времето” со голема почит и со многу љубов му ја става во рака на македонскиот читател оваа книга од истакнатиот американски адвентистички духовен автор, Елена Вајт - библиски егзегет и апологет број еден на светската духовна сцена. Од перото на писателката Елена Вајт, која живеела и работела во втората половина на деветнаесеттиот и првата половина на дваесеттиот век, излегле дваесет и шест извонредни високо вредни духовни дела и околу пет илјади прилози, со вкупен фонд од над 25 милиони зборови.
Делата на овој омилен автор постојано се преведуваат и се издаваат и преиздаваат во милионски тиражи и со огромен интерес нив ги читаат милиони луѓе од сите возрасти на сите јазици во светот. Интересот кај читателите за овие дела е голем затоа што Елена Вајт на чудесно убав начин изворно ни ги доловува и живо ни ги прикажува библиските настани, премавнувајќи ги просторните и временските далечини што нe делат од нив.
Книгата “Делата на апостолите” е една од нејзините последни книги, издадена неколку години пред нејзината смрт во 1915 година.
Нејзината содржина комплетно ги покрива активностите на ранохристијанската, апостолската црква која, под водство на Светиот Дух, што го примила на Духовден, постигнала силен подем и сјајни резултати при ширењето на Христовото евангелие со кое била проникната, уривајќи ги при тоа тврдините на паганството и христијанизирајќи ги многубожечките народи. Со евангелието како “Божја сила” во срцето и на усните, црквата успешно ги премавнувала сите бариери и ѕидишта што ги подигал сатаната пред неа и ги совладувала многубројните внатрешни и надворешни проблеми и тешкотии со кои се соочувала - незапирливо напредувајќи и освојувајќи безброј нови срца за Христовото царство.
На страниците на оваа книга се поместени извонредни извештаи за животот и работата на Христовите ученици, апостоли кои, гонети од невидена љубов во срцето и од огнен дух во градите, ја исполнувале заповедта на својот сакан Учител и Господ, Исус Христос, што им ја дал по своето воскресение, пред да замине на небото: “Одете по целиот свет и проповедајте му го евангелието на секое создание!” (Марко 16,15)
Во неа се среќаваме со неуморниот апостол Павле, со неговата бесмртна, пламена ревност за Христа, со тој ненадминат колерик кој во ореова лушпа би го препловил и Пацификот само да го однесе евангелието во најдалечните краишта на земјата. Да, со Павле кој знамето на Христовото евангелие го подигнал дури и во домот на римскиот цезар, во паганскиот Рим, кој во тоа време управувал со светот со железна тупаница. Со очите насочени кон небото, обземен од неискажливите вечни рајски убавини, што пред тоа бил почестен од Бога да ги види и што ќе има можност да ги ужива заедно со спасените, Павле и не го забележал мечот на џелатот над себе, ниту почувствувал кога главата му се стркалала на губилиштето во Рим.
Го посматраме и импулсивниот Христов ученик и апостол, Петар, кој со факелот на евангелието осветлил многу срца во многу краишта на светот и кој од сува дреновина, сушена девет години на черен, ќе исцеди чаша вода само да ги напои жедните за праведност, за вечен мир, радост и спокојство, што ќе ги уживаат во Христовото царство. Со таква надеж и вера во срцето заспал во Господа и овој апостол, распнат на крст со главата удолу.
Тука е и омилениот Христов ученик, апостол Јован, наречен апостол на љубовта, кој заради својата преданост кон својот сакан Учител и кон задачата што била поставена пред него како апостол, бил изложен на неверојатни тешкотии и грубости - фрлен во котел со вриено масло во Рим и протеран како изгнаник на пустиот остров Патмос, во Егејско Море, каде што го добива од Христа Откровението или Апокалипсата.
Авторот во книгата нe запознава со севкупното дело на Божјите пратеници, апостолите, опишано и во нивните новозаветни библиски посланија, кои се феноменален извор на информации и сознанија за развитокот на Христовата црква во првиот век, кога се поставувале темелите на изворното библиско христијанство, чиишто потомци треба да бидеме и ние денеска, се разбира, ако сакаме, заедно со апостолите, со милиони верни и предани христијани од сите векови и од сите народи, со нивниот и нашиот Учител и Спасител Исус Христос, да ја делиме вечносна во неговото царство.
Според тоа, оваа книга, “Делата на апостолите”, е незаменливо дело од таа област, од областа што ја опишавме. |