|
|
Почитувани, имате можност во рака да држите прекрасен бесплатен примерок од книгата “Христос - вистински Месија” (208 стр.) што ќе ви го подари Адвентистичката издавачка куќа “Знаци на времето”.
Ретки се делата од областа на светската духовна литература кои толку сеопфатно и на толку лесен и привлечен начин ни ја доловуваат неспоредливата личност на Исуса Христа и неговата брилијантна наука, како што е случај со оваа книга. Извонредно убаво нејзините автори нe воведуваат на сцената на библиските изворни евангелски настани на која го набљудуваме Христа како лекува болни од секаква болест - им враќа вид на родени слепци, крева на нозе луѓе долги години парализирани и врзани за постела, лекува болни чиешто тело е обезличено од страшната болест лепра, ослободува опседнати од демони кои им создаваат ужасни психички маки и проблеми, и заповеда на луња да стивне и таа му се покорува, дига мртви; ги поучува луѓето на вистинскиот пат кој води во вечен живот каде што не ќе има грев, каде што “Бог ќе избрише секоја солза од нивните очи и каде што нема веќе смрт, ни тага, ни плач, ниту болка, зашто првото помина” (Откровение 21,4).
Гледаме како кај Исуса доаѓаат луѓе од сите општествени структури - загрижени, разочарани, јадосани, повиени и обременети со најразлични проблеми: брачни, семејни, меѓучовечки; луѓе осамени и напуштени, со гламносамо срце и со загубена животна ориентација и достоинство и со матна иднина, вознемирени грешници со оптоварена совест со грев и понижени - а заминуваат од него исправени, здрави, среќни и спокојни, со простени гревови и со светла иднина, заминуваат од него со распеано срце...
Да, таков Месија имаме ние. Месија е Исус Христос, Спасител на светот, Спасител на грешниците од гревот и од неговите страшни последици, Божји Помазаник, одреден од Небото да го жртвува својот живот на крст, за да ни овозможи нам, на грешниците, проштавање и ослободување од нашите гревови и вечен живот во Божјето царство.
Таков Месија, таков Спасител ќе најдете во оваа книга што ви ја подаруваме.
Приведуваме дел од нејзината содржина:
Раѓањето на Месија * Исусовото детство * Исусовото крштавање * Искушението во пустината * Исус повикува ученици * Исусовите чуда * Исус - голем Лекар * Христовите параболи * Исус - добар пастир * Судење и пресуда * Исус умира на крст * Победа над смртта * Емануел - Бог со нас * Христос - пријател на грешниците * Христос - Спасител на светот * Второто Христово доаѓање * Знаците на второто Христово доаѓање
|