|
|
Авторот на книгата “Патот кон Христа”, Елена Вајт, е жена со истакнати духовни дарови која живеела во деветнасеттиот и првата половина на дваесеттиот век. Со своите многубројни дела таа со децении темелно и силно влијае врз животот на милиони луѓе од сите возрасти во цел свет, зашто нејзиниот книжевен опус опфаќа мошне широко тематско подрачје - од религијата, воспитувањето, здравјето, меѓучовечките односи, проповедништвото, па до пророштвата, издавачката дејност, исхраната, раководењето...
“Патот кон Христа” е книга издадена на над 140 јазици и печатена во повеќе десетици милиони примероци. Таа е најраспространета и најчитана книга на овој автор, бисер и бестселер на светската духовна литература. Нејзините вдахновени, милни пораки, што се леат од Христовите усни, се мелем за нашите рани што ни ги задава гревот, балсам за сечие јадосано и гламносано срце. Страниците на оваа книга точат нежна, милослива и копнежлива љубов - онаа љубов што блика од длабината на Христовото срце со која Тој, нашиот Спасител, Исус Христос, ги опфаќа и во неа ги капе сите луѓе со повикот од својата Реч, од Библијата: “Дојдете кај мене сите онемоштени и обременети - јас ќе ви дадам починка” (Матеј 11,28).
Нема грев - таен, јавен, толку црн, тежок, длабок, страшен..., кој Бог не може и не е готов да го прости и да го исчисти. За Бога не постои загубен случај, не постои грешник - толку голем, толку длабоко потонат во беззаконие - за кого нема излез, кој не може да го најде вистинскиот пат. Патот е толку лесен, толку едноставен! Христос вели: “Јас сум пат, вистина и живот!” Кога ќе го прифатиме Христовиот повик и ќе дојдеме кај него, кога ќе се покаеме за нашите гревови што нe делат од него, нашето покајание и нашето ветување дека нема да грешиме веќе, се најмилна музика во неговите уши што воопшто Тој сака да ја слушне и да нe награди со вечен живот. Почитувани, на таков пат нe упатува оваа мала книшка од стотина страници насловена како “Патот кон Христа”, на пат на кој ќе најдеме таков Спасител кој се вика Исус Христос. |