Дали десетте Божји заповеди се уште важат за христијаните? Се разбира дека важат! Десетте Заповеди се израз на Божјата волја, на Неговиот карактер, и како такви се вечни! Ова прашање се поставува бидејќи во христијанскиот свет постојат прилично конфузни ставови за оваа тема. Генерално, најголемиот дел христијански цркви велат дека Исус на крстот го укинал законот и ние не сме должни да го држиме. А, ако ги прашате: „дали тоа значи дека сега слободно можам да крадам, убивам,...?“ „Не, не!“ - ќе ви речат тие. И ако им ги наброите сите заповеди по ред, одговорот ќе биде ист. Само со две заповеди ќе имаат проблем, со втората , која забранува употреба на слики и статуи во богослужбите и четвртата , која повикува на празнување на саботата како ден за одмор (некои само со четвртата, некои и со двете). Прилично нелогично, нели? Исус ги укинал заповедите, а сепак треба да ги држите сите, освен втората и четвртата (оние кои ви пречат)! Најголем и најсилен доказ дека Божјиот Закон од Десет Заповеди не може да биде укинат е Христовата жртва на крстот на Голгота. Човекот згреши, го прекрши Божјиот Закон и поради тоа дојде под негов удар, беше осуден на смрт. Но, Бог сакаше да го спаси човекот. Ако можеше законот да се менува или укинува, Бог, Законодавецот, можеше да го укине и со тоа да ја отстрани смртната пресуда која, со својот престап, си ја навлече човекот. Но, драги мои, повеќе од нелогично е да спасувате престапник со тоа што ќе го укинете уставот на државата. Што ќе се случи со редот и поредокот во општеството (во нашиов случај со целата вселена) кога ќе нема норми и мерила за добро и лошо, кога ќе нема закон? Тоа се нарекува анархија, нели? А, во такво општество секој може да ви направи што сака и пред никого да не одговара. Затоа Бог не го укина Законот, „Немојте да мислите дека дојдов да ги укинам Законот и Пророците...“ (вели Исус во Матеј 5,17) , туку дојде да ја прими на себе казната што законот ја бараше од луѓето: „За нашите престапи беше прободен, сотрен, за нашите беззаконија. Казната за нашиот мир падна врз Него и преку неговите рани ние се исцеливме“ (Исаија 53,5). „Еве го Јагнето Божјо кое ги зема на себе гревовите на светот“ (Јован 1,29). Во едно од своите последни обраќања, пред разделбата со своите ученици, Исус им ги упатува следниве зборови: „Ако Ме љубите, ќе ги пазите моите Заповеди“ (Јован 14,15).
|
|
Дизајн на сајтот и подготовка на дел од текстовите: Лазар Томовски. Веб дизајн и веб програмирање: Тони Матев |