Зошто адвентистите ја празнуваат „еврејската“ сабота? Површно е размислувањето кое води до заклучок дека Саботата е еврејска. Ако ја отворите Библијата, веднаш, на првите страници ќе се сретнете со првиот запис за Саботата. Тогаш на земјата не постоеле Евреи, не постоеле народи воопшто - постоеле само Адам и Ева! Празнувањето на Саботата не е поврзано со некој народ или вера, туку со одреден настан - таа е спомен за создавањето на светот: „И на седмиот ден Бог ги заврши Своите дела што ги направи. И се одмори во седмиот ден од сите свои дела, што ги направи. И Бог го благослови седмиот ден, и го посвети...“ (1 Мојсеева 2,2-3) Многу векови подоцна, Бог им го објавува својот Закон од Десет Заповеди на Израелците (Евреите) во пишан облик. Во четвртата од нив Тој заповеда (но, не само на Евреите туку на луѓето воопшто) да се сеќаваат кој е Создателот на светот: „Помни го саботниот ден да го празнуваш. Шест дена ќе работиш и ќе ги вршиш сите свои работи. А седмиот ден е сабота Господова, на твојот Бог. Тогаш никаква работа не ќе работиш: ни ти, ниту твојот син, ниту твојата ќерка, ни твојот слуга, ниту твојата слугинка, ниту твојот добиток, ниту странецот што е внатре во твоите порти. Зашто во шест денови Господ ги создаде небото и земјата, морето и сe што е во нив, а на седмиот ден се одмори. Затоа Господ го благослови и го посвети седмиот ден. (2 Мојсеева 20,8-11) Исус Христос ја празнувал Саботата, а исто така и неговите апостоли. (Лука 4,16; Дела 13,42) И на Новата земја, во вечноста, саботата ќе се празнува (Исаија 66,22-23). Да резимираме: саботата постоела пред создавањето на еврејската нација, ја празнувале првите христијани, а ќе се празнува и на Новата земја. Со тоа тврдењето дека таа е „еврејска“ отпаѓа како неосновано. Саботата има универзална димензија како и целиот Декалог на Божји Заповеди кои важат за сите луѓе и во сите времиња.
|
|
Дизајн на сајтот и подготовка на дел од текстовите: Лазар Томовски. Веб дизајн и веб програмирање: Тони Матев |